Академија Пандев убедлива против Шкендија во дербито за Европа, „лавовите“ до бод на Чаир, Кочоски во 92. минута ја тресна Брегалница

Денес се одиграа натпреварите од вонредното 31. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Revolution Development е софтверска компанија посветена на развој на врвни решенија за бизниси
Академија Пандев убедливо славеше над Шкендија во дербито во Струмица за излез во Европа каде судијата три пати покажа на белата точка.
На полувреме Академија Пандев имаше водство од 2:1, а струмичани први дојдоа до водство од два гола, откако Фарук Бихорац уште во 2. минута погоди за 1:0, а пак Томислав Илиев во 23. минута со гол од пенал ја дуплираше предноста. Пред крајот на првиот дел Кривак Јан погоди за 2:1 на полувреме.

Во вториот дел Академија Пандев дојде повторно до два гола предност пред конкурентот за излез во Европа, откако Томислав Илиев повторно успешно реализираше од белата точка за водство од 3:1. „Пандевци“ продолжија со убедливата победа, а веќе во 77. минута имаа водство од убедливи 4:1 откако Пепи Ѓоргиев ја задресе мрежата на ланскиот шампион со што сите дилеми околу три бодови беа решени, па струмичани во финишот од мечот влегоа сосема растеретени и без притисок. Во 83. минута Шкендија намали на конечните 4:2 со гол постигнат од пенал, а Синдрит Гури успешно реализираше.
Пелистер прв го отвори резултатот во Автокоманда со голот на Андреј Ричков во 10. минута од мечот, но радоста на битолчани траеше помалку од една минута, откако Бујар Хајдари погоди за 1:1, а веќе во 13. минута Дарио Десниќ постигна гол за водство од 2:1 за „пиратите“. До крајот на првиот дел Иво Јанакиевски погоди за 3:1 на полувреме.
На стартот од вториот дел Антонио Божиноски погоди за убедливи 4:1. Во 57. минута од мечот Борче Маневски намали на 4:2 и го врати во живот Пелистер барем за бод, меѓутоа до крајот мрежите мируваа и на двете страни, па резултатот од 57. минута стана конечен.
Струга Трим Лум преку Валентин Кочоски во 92. минута ја сруши Брегалница за три бодови во дуелот покрај езерото. Штипјани дома се вратија со празни раце, а поразот во Струга ги спушти дури на седмото место на табелата. Во финишот од мечот Брегалница остана со играч помалку, откако Наумче Бакрачески заработи втор жолт картон.
Првото полувреме од дуелот покрај езерото на стружани и штипјани заврши со мирни мрежи (0:0).
Македонија Ѓорче Петров извлече бод на тешкото гостување на Чаир играјќи 1:1 против новиот шампион Шкупи. Стрелец за водство на домаќинот беше Чуевен Да Силва Иначио, „лавовите“ во судиското надополнување дојдоа до многу важен бод, откако капитенот Ермедин Адем во 96. минута погоди за конечни 1:1. Првиот дел на Чаир заврши без погодоци (0:0).
Ренова во Кавадарци дојде до „целиот“ плен совладувајќи го со минимални 0:1 Тиквеш со погодокот на Ремзифаик Селмани постигнат во првиот дел.
Работнички во судиското надополнување се спаси од пораз совладувајќи го Борец на домашен терен со 2:1. „Романтичарите“ први го отворија резултатот во судиското надополнување на првиот дел со гол постигнат од пенал, а успешно реализираше Марио Станковски. Во вториот дел велешани преку Крста Ѓорѓевиќ во 75. минута израмнија на 1:1. Во судиското надополнување Марјан Ристовски погоди за голем и важен триумф за „романтичарите“ од 2:1.