Жељко Бабиќ: Верувам во квалитетот на оваа екипа

Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва во Битола ќе се соочат со екипата на Тримо Требње. Битолчани се надеваат на прва сезонска победа во Лигата на Европа, а тренерот Жељко Бабиќ верува во неговиот тим и квалитетите на истиот.
„Направивме добра анализа на натпреварот во Словенија, го вративме победничкиот менталитет и верувам дека оваа ситуација е одлична за цел тим и за цел клуб. Стресот ни е неопходен и ова ќе биде тест за мене и за целата екипа. Треба да видиме дали може да играме против стресот и притисокот и да го добиеме овој натпревар. Овој дуел доаѓа во вистинско време и длабоко верувам во овој тим и во неговите квалитети. Во Словенија не го покажавме нашето право лице. Постојат и причини за тоа, но нема потреба да се навраќаме на тоа. Имаме стрес, притисок и јас се радувам на натпреварот“, вели Бабиќ.
Хрватскиот тренер додава дека негова одговрност е поразот во Љубљана, кој најави промена во стратегијата за овој натпревар.
Моја одговорност е натпреварот во Љубљана. Морам да поработам на психолошки план, да можеме да играме 60 минути на високо ниво. Евидентно беше дека сме под притисок, бидејќи имавме одлични акции кои не ги реализиравме, а и во одбрана не одбранивме многу напади. Но, тоа во спортот се случува. Најважно е што ние имаме квалитет, па ако добро се тренира и ако тимот е заедно, треба да бидеме трпеливи и резултатите ќе дојдат. Можеби овој натпревар доаѓа во ситуација која за нас не е најдобра, но од проблемите се раѓаат можности. Малку ќе ја променам стратегијата и верувам дека тоа на крај ќе вроди со плод, смета Бабиќ.
Мечот вечерва ќе стартува во 20:45 часот во Спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.