Радовишанецот Андреј Коцевски имаше деби за паметење во дресот на Клими од Кавадарци во рамки на 6. коло од Првата футсал лига. Иако неговиот тим беше поразен со 5:2 од непоразениот лидер Проект, 20-годишниот Коцевски остави силен впечаток со погодок во завршницата на мечот.
Младиот играч се најде на вистинското место во 38. минута, погоди прецизно и го намали резултатот, при што го запиша својот прв гол во македонската футсал елита уште на неговиот деби настап.
За Коцевски ова претставува ново поглавје во кариерата, по настапите за Детонит Плачковица и Беласица, како и за младинските категории на Брегалница и Брера Струмица. Сега, со амбиција и јасна цел, го започнува својот пат во футсал шампионатот како дел од екипата на Клими од Кавадарци.