Екипата на Младост од Богданци продолжува со импресивната форма во Првата ракометна лига, каде што по осум одиграни натпревари има максимален учинок од осум победи и се наоѓа на врвот на табелата со 16 бодови.
Во сабота, непоразениот лидер ќе го одигра едно од најголемите дербија на есенскиот дел од сезоната – на домашен терен против конкурентот Драчево Јуниор.
Во пресрет на натпреварот, за Спортска Мрежа зборуваше Душан Каркалашев, кој истакна дека и покрај одличната форма, тимот постојано работи на подобрување.
„Иако сме во одлична форма и досега немаме пораз, секогаш има простор за напредок. Работиме на подобрување на одбраната, како и на поголема концентрација во завршницата на нападите. Знаеме дека дербито со Драчево Јуниор ќе биде тежок натпревар, па се обидуваме да ги поправиме и најмалите детали за да влеземе максимално подготвени и да ја продолжиме победничката серија.“
Каркалашев се осврна и на натпреварите одиграни досега, потенцирајќи кој меч бил најтежок за Младост во тековната сезона,
„Секој натпревар е тежок на свој начин, но дербито со Мулти Есенс беше најтешко досега. Мулти Есенс играа цврсто и мотивирано, натпреварот беше неизвесен до самиот крај, а мораше да дадеме максимум во одбрана и нападот за да ја задржиме предноста. Сепак, таквите мечеви не прават посилни и ни даваат дополнителна самодоверба за следните предизвици.“
Младост од Богданци во сабота ќе се обиде да ја продолжи својата победничка низа и да остане единствениот непоразен тим во Првата ракометна лига.