Во пресрет на дербито од 12. коло во Првата женска фудбалска лига, каде што Тиверија Брера на домашен терен во Струмица ќе го пречека второпласираниот тим на Скопје, капитенката Викторија Панчурова со оптимизам зборува за атмосферата, формата и очекувањата од овој дуел.
Натпреварот се игра утре, со почеток од 10:30 часот на теренот со вештачка трева во Струмица, а Панчурова во изјава за Спортска Мрежа вели дека очекува убав натпревар.
„Ние како екипа секогаш фокусот го ставаме на самите нас бидејќи знаеме дека кога сме фокусирани и мотивирани можеме да победиме против секого. Скопје имаат екипа која е составена од млади но и повозрасни искусни играчи исто како нас па баш затоа мислам дека утре ќе биде убав натпревар. Играме на домашен терен и очекувам победа и три бодови кои ќе ни значат многу“, вели Панчурова.
Капитенката истакнува дека атмосферата во тимот е на високо ниво, а поддршката од стручниот штаб игра голема улога во позитивните резултати што ги постигнува клубот.
„Атмосферата во тимот е прекрасна, имаме голема поддршка од стручниот штаб и сето тоа вродува со резултати. Годинава нашата екипа настапува во доста подмладен состав, но тоа не значи дека предвреме креваме бело знаменце, туку баш напротив – докажавме дека овој тим знае и те како да победува“, додава капитенката на Тиверија Брера.
Во продолжение Панчурова потенцира дека е задоволна од досегашниот настап на својот тим и изразува целосна доверба во соиграчките.
„Јас како капитен на екипата сум задоволна од сите досегашни резултати, со оглед на тоа дека во екипата има играчи кои првпат настапуваат во Прва лига и истите тие ја имаат целата моја поддршка и доверба. Сезоната е долга, има уште многу натпревари, така што верувам дека овој тим до крајот може да изненади“, завршува Панчурова.
Дербито меѓу Тиверија Брера и Скопје носи голем влог – двете екипи се во самиот врв на табелата. Скопје е втор со 30 бодови, само еден помалку од лидерот Љуботен кој има 31, додека струмичанки се на третата позиција со 24 бодови. Скопје има импресивна гол-разлика од 35:5, а Тиверија Брера досега има постигнато 23, а примено 15 погодоци.
Се очекува вистински фудбалски спектакл во Струмица – судир на младост, искуство и огромна желба за победа.