Вардар повторно ја освои Битола! „Црвено-црните“ одново го совладаа Пелистер, овојпат со 1-2 во рамки на 12. коло од Првата македонска фудбалска лига, резултат со кој тимот од Скопје повторно се искачи на првото место на табелата.
Средбата на „Петар Милошевски“ понуди цврст и борбен фудбал, а иако Пелистер одигра солидно и прикажа борбеност пред својата публика, Вардар успеа да слави и да ги освои трите бода.
Првото полувреме помина без голови, но со неколку можности за гостите. Матиќ по корнер со глава биеше крај голот, а Бабунски имаше обид над гредата. На другата страна, најсериозната прилика за Пелистер ја имаше Вилдан Керим со удар од дистанца.
Во вториот дел, Вардар го отвори резултатот преку Роџерс Мато кој со прецизен удар од дваесетина метри го совлада голманот Јовчевски и донесе водство од 0-1 во 54. минута. За Мато тоа беше 11. погодок сезонава, уште една потврда за неговата одлична форма.
Пелистер не се предаде – само шест минути подоцна успеа да израмни на 1-1. По силниот удар на Стефан Спировски и интервенцијата на Талески, топката заврши пред нозете на Петар Петковски, кој ја смести во мрежата за изедначување и момент на радост за домашните навивачи.
До крајот на натпреварот се играше отворено од двете страни. Омерагиќ пропушти голема можност за Вардар, а одлучувачки момент се случи во 83. минута кога Петковски направи прекршок врз Данев во шеснаесетникот. Главниот судија Грујоски без двоумење покажа на белата точка.
Горан Закариќ презеде одговорност и сигурно реализираше за конечни 1-2, донесувајќи му нова дерби-победа на Вардар и враќање на врвот на табелата.
Во последните минути Пелистер се обиде да стигне до израмнување, но без вистинска реализација. Вардар ја задржа предноста и го запиша деветтиот сезонски триумф.
Вардар е на врвот од табелата со 30 бодови, втор е тимот на Струга Трим Лум со 29 бодови, а пак Шкендија е трета со 24 бодови, но шампионот има меч помалку.
Со оваа победа Вардар уште еднаш покажа дека е сериозен кандидат за титулата, додека Пелистер ќе мора да бара бодови во следните кола за да ја подобри својата позиција и да избегне од долниот дел на табелата.