Фудбалскиот клуб Башкими од Куманово официјално има нов предводник – Блаже Јанакиевски се враќа на клупата на тимот, каде што минатата сезона ја испиша најубавата страница во новата историја на клубот, носејќи го повторно во Првата македонска фудбалска лига по 17 години пауза.
Управата на клубот донесе одлука повторно да му ја довери одговорноста на стратегот кој го постави темелот на сегашниот проект, со јасна визија, професионален пристап и препознатлив фудбалски стил.
Јанакиевски, кој ја има големата доверба на кумановската публика, повторно ќе го предводи тимот со цел да го задржи Башкими во горниот дел од табелата и да ја продолжи позитивната приказна започната во Втората лига.
Во моментот Башкими се наоѓа на петтата позиција со 19 бодови, а старо-новиот стратег својот камбек на клупата ќе го има на 8 ноември, кога кумановци на домашен терен ќе го пречекаат Работнички.
Со ова враќање, клубот испраќа јасна порака – проектот продолжува таму каде што беше прекинат, а целта останува иста: Башкими да биде стабилен прволигаш и препознатливо име во македонскиот фудбал.