Македонскиот женски првак, Јанта Волеј Кисела Вода, успешно ја мина првата пречка во квалификациите на ЦЕВ Лигата на шампионите, а утре од 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ќе го пречека францускиот претставник Волеро ле Кане.
Девојките на Јанта ќе се обидат да ја искористат домашната предност за нов европски успех, иако се свесни дека ги очекува многу посериозен противник.
„Подготвени сме за предизвикот, иако остануваме скромни во изјавите и очекувањата. Волеро е многу поквалитетен противник од Гацко, со многу интернационалки во составот. Доаѓа од поквалитетно првенство и има долга традиција на европската сцена, за разлика од нас. Потребна ни е нова стратегија и многу работи ќе бидат познати по првиот меч. Фокусирани сме на нашата игра, најважно е девојките да го дадат максимумот, а сето друго ќе биде бонус за нас“ – истакна тренерот Никола Јаневиќ.
Капитенот Тамара Тасевска потенцира дека тимот е мотивиран и сплотен:
„Престојниот двомеч е шанса да докажеме дека не случајно ја минавме првата рунда. Имаме добра атмосфера и хемија во тимот, и со поддршката на публиката, можеби ќе приредиме изненадување!“
Интернационалната играчка Ана Старчевиќ додава:
„Настапот во Лигата на шампионите е одлично искуство за нашиот млад тим. Не очекуваме конкретни резултати, туку се трудиме да играме најдобро што можеме. Во спортот, особено во женската одбојка, изненадувањата се секогаш можни, и ние сме оптимисти!“
Влезот во СЦ „Јане Сандански“ повторно ќе биде бесплатен за сите љубители на одбојката.