Шесттото коло од Втората женска фудбалска лига донесе 31 гол на четири натпревари, а највисока победа сосема очекувано забележа Кочани, откако славеше со 0:16 над Победа Валандово.
Афродита Салихи постигна девет погодоци и буквално ја решеташе мрежата на противникот, а пак шест гола имаше Ангела Стојковска, еден гол даде репрезентативката Катерина Милеска.
Радовишка Плачковица забележа лото победа над Слободен во Скопје откако славеше со 1:7 над дебитантот.
Викторија Стојаноска постигна четири погодоци во мрежата на противникот, додека пак Марија Бојкова беше двоен стрелец, а еден гол постигна Розета Ташкова. За домашниот тим единствен стрелец беше Нина Алексовска во 61. минута.
Израмнет меч одиграа фаворитот Вардар кој со 2:0 славеше над Билјанини Извори. Теодора Јанковска ги постигна двата гола по 15 минути игра, а потоа мрежите мируваа до крајот на мечот.
Борец и натаму нижи катастрофални статистики, откако беше декласиран и во Македонски Брод со резулатот од 5:0 од екипата на Порече која беше голем фаворит.
Во доминантен меч Јована Ѓорѓиоска Блажеска беше стрелец на четири погодоци, а еден гол беше дело на Стефанија Станческа.