Македонскиот одбојкарски шампион Јанта Волеј продолжува да ја испишува својата европска приказна, откако славеше и на реваншот против босански Гацко со 3:2 во сетови (26:24, 21:25, 19:25, 25:18, 15:13) и обезбеди место во третата квалификациска рунда од ЦЕВ Лигата на шампионите.
Натпреварот одигран во Требиње понуди голема драма и неизвесност, слично како и првиот дуел во Скопје. Двата тима постојано се менуваа во водство, сетовите се добиваа со минимална разлика, а решавачкиот тај-брејк повторно ѝ припадна на македонската екипа која покажа повеќе концентрација во клучните моменти.
Најрасположена кај Јанта Волеј беше Мери Бошковска со 17 поени, додека Ледесма и Јаневиќ се истакнаа со по 12 поени. Свој значаен придонес даде и Ана Старчевиќ, која мечот го заврши со 11 поени.
Со овој триумф, скопјанките влегуваат меѓу најдобрите тимови во квалификациите и во следната рунда ќе се соочат со силниот француски состав Волеро Ле Кане. Првиот натпревар ќе се одигра на 13 ноември во Франција, а реваншот една недела подоцна во Скопје.
Јанта Волеј со овие успеси уште еднаш потврди дека заслужено е дел од европската елита, покажувајќи карактер, борбеност и квалитет на највисоко ниво.