Во недела фудбалска Могила ќе биде центарот на вниманието во Третата лига – Југозапад. На стадионот „Димко Сарванов“ се игра дербито на колото, во кое домашната екипа на Могила ќе го пречека актуелниот лидер на табелата – Влазними од Струга.
По серија од три натпревари без пораз и освоени седум бодови, Могила влегува во дербито со голема самодоверба и амбиција да остане во чекор со врвот. Тимот бележи константен напредок, а во таборот на домаќините владее одлична атмосфера пред големиот предизвик.
Голем оптимизам внесе и еден од најборбените играчи на Могила, Дарко Манетевски, кој во пресрет на натпреварот изјави дека е време за чиста мрежа и победа над лидерот на табелата.
„За вакви натпревари мечтаевме изминатите две сезони, и еве сега сме тука пред дербито со лидерот на табелата. Домаќини сме и ќе играме на одличен терен, терен кој добро го познаваме и терен каде сите ние се калевме од мали нозе. Во изминатите шест кола покажавме дека играме допадлив фудбал и ја контролираме играта, но понекогаш примаме лесни голови поради ситни грешки. Сепак, врзавме седум бодови во низа, атмосферата е одлична и време е за чиста мрежа и победа со која ќе го задржиме чекорот со врвот.“
Екипата на Влазними во дербито ќе влезе од првата позиција на табелата со 16 освоени бодови и учинок од пет победи и еден пораз, додека Могила е на третото место со 11 бодови – три победи, две ремија и еден пораз.
Дуелот во Могила ветува неизвесност, квалитетен фудбал и борба за секој бод, а домашните навивачи се надеваат дека нивниот тим ќе ја продолжи позитивната серија и ќе го симне лидерот од Струга од врвот на табелата.