Второто коло на Општинската фудбалска лига донесе убедливи победи и многу погодоци на сите четири натпревари, а три екипи имаат максимален број на бодови по две одиграни кола.
Дрвош со „петарда“ го доби дербито против Напредок, откако славеше со 2:5 на теренот во Радово. За екипата на Напредок стрелци беа Сезер Ајвазов и Пепи Кармазичев.

Интер Кукла со убедливи 0:4 го прегази Илинден од Добрејци во меч на тотална доминација на гостинот од Куклиш. Стрелци на погодоците беа Филип Ташев, Џоче Китански, Ване Кршков и Васко Дрвошанов.

Екипата на Единство од Пиперово доживеа вистинска катастрофа откако загуби со 1:4 од екипата на Огражден, па така трите бодови патуваат во Ново Село.

Бодовите останаа во Градско Балдовци откако екипата на Спартмани без проблеми славеше над Слога од радовишко Злеово со високи 3:0.
Во однос на самата табела Интер Кукла е на врвот со максимални шест бодови, а толку има и Дрвош, како и тимот на Спартмани. По три бодови имаат Огражден и Илинден, додека пак без бодови по две кола се екипите на Единство, Слога и Напредок.
Во рамки на 3. коло Огражден во Ново Село ќе ја пречека Слога, Илинден ќе игра против Единство, Дрвош ќе оди на соочување на Спартмани, а пак во Куклиш домаќинот Интер Кукла ќе оди на три од три, а Напредок од Радово ќе бара први бодови.