ГРК Охрид ги дозна датумите за двомечот со босанскиот претставник Слога Добој во рамките на третото коло од ЕХФ Европскиот куп. Македонскиот клуб првично предложи двата натпревара да се одиграат на домашен терен, но Слога ја одби понудата, па ќе следат два класични реванш-дуела.
Првиот меч ќе се игра пред охридската публика, во спортскиот центар „Билјанини Извори“, на 16 ноември (недела) со почеток во 18 часот. Реваншот ќе биде шест дена подоцна, на 22 ноември (сабота), во „Арена Градишка“ во Добој, исто така со почеток во 18:00.
Слога во оваа рунда дојде по минимално подобра гол-разлика во двомечот со летонскиот Тенакс Добеле, додека охриѓани лесно се справија со Баку од Азербејџан, славејќи убедливо на двата натпревари. Во првенството на БиХ, тимот од Добој по три кола е на шестата позиција, а во последниот натпревар загуби на гостувањето кај Извиѓач со 33-35.
Охрид влегува во оваа фаза со високи амбиции – целта е да се презими во Европа и да се направи чекор повеќе од минатата сезона. Клубот дополнително го засили ростерот, а најново име е хрватскиот голман Кристијан Пилиповиќ, кој пристигна од Швајцарија. Со засилениот состав и поддршката од публиката, охриѓани ќе влезат како фаворити во двомечот со босанскиот претставник.