Нова тренерска разделба во Првата лига, откако Ѓорѓи Мојсов по денешниот пораз на Тиквеш од Арсими, поднесе оставка, а клубот од Кавадарци истата ја прифати.
Поразот доаѓа откако Тиквеш имаше предност од 3:1 до 84. минута, а потоа примија три погодоци и загубија на домашен терен од дебитантот со 3:4.
„На мојот Тиквеш му посакувам многу успех во иднина, изминативе три години секоја секунда секоја минута бев 200 % вложен во мојата работа за што поголем успех. Успеавме со мојот тим да го постигнеме најголемиот успех во историјата на Тиквеш. Оваа години од многу причини не бевме на нивото што требаше да бидеме, затоа и одговорноста е моја и оставката неизбежна. Благодарам до сега на секоја поддршка што ја имав од кавадаречката публика, а најмногу до Лозари Исток Кавадарци“, вели сега веќе поранешниот тренер на Тиквеш, Ѓорѓи Мојсов.
Оставката ја прифатија од клубот, а притоа му се заблагодарија на целиот досегашен стручен штаб.
„После денешниот пораз, управата на клубот ја прифати оставката на стручниот штаб предводен од тренерот Ѓорѓи Мојсов, помошниот тренер Христијан Кировски и кондициониот тренер Трајче Орешков, како резултат на неочекувано слабите резултати оваа сезона. Им се заблагодаруваме за долгогодишниот ангажман во ГФК Тиквеш, особено на Мојсов и Орешков со кои клубот го постигна историскиот успех и му посакуваме успех во нивните кариери. ГФК ТИКВЕШ е во преговори за ангажман на нов стручен штаб кој ќе го предводи клубот во иднина“, велат од Кавадаречкиот прволигаш.
Сепак, Мојсов ќе остане запаметен како најуспешен тренер во историјата на Тиквеш, откако во 2024 година му го донесе првиот Куп трофеј на Тиквеш, а со тоа кавадаречкиот прволигаш излезе во Европа.
Мојсов беше тренер со најдолг стаж во Првата лига, откако тимот го водеше од 2022 година.
Клубот од Кавадарци сега се насочува да бара нов тренер и веќе се водат преговори.