Охрид со моќно издание убедливо го декласираше тимот на Куманово на домашен терен во салата „Билјанини Извори“ со резултат од 37:17, во рамки на 9. коло од ракометната Суперлига.
Куманово едноставно немаше решение за разиграниот Охрид и феноменалниот Ѓорѓески, кој со своите блескави одбрани го претвори голот во неосвоива тврдина и ги потопи надежите на гостите уште во првите минути.
Охрид тргна одлично во мечот на кој беше голем фаворит, отвори со серија од 5:0, по што Куманово повика тајм-аут, но и тоа не вроди со плод. На голот блескаше Даниел Ѓорѓески со низа одбрани, а серијата на Охрид продолжи и се зголеми на 10:0, додека гостите повеќе од 14 минути не успеаја да постигнат погодок.
Во изјава за Спортска Мрежа, голманот на Охрид, Даниел Ѓорѓески, кој денеска имаше блескава партија, истакна дека сите одиграле на високо ниво, особено во одбраната.
„Сакам да им честитам на момците за добрата игра, одигравме одличен натпревар, посебно во одбраната. Мислам дека сите одигравме на ниво..максимално бевме фокусирани на овој натпревар, па така, сега одиме на заслужен одмор.“- изјави Ѓорѓески.
Со оваа победа, Охрид уште еднаш покажа дека е сериозен конкурент за највисоките позиции во лигата, а публиката во „Билјанини Извори“ повторно имаше можност да ужива во сигурна и ефектна партија на своите миленици.