Фудбалерите на Арсими приредија едно од најголемите изненадувања во досегашниот тек од сезоната, откако во Кавадарци по неверојатен пресврт славеа против Тиквеш со 3:4, во меч кој понуди вистинска фудбалска драма и ќе остане запаметен долго време.
Домашниот состав започна одлично и на полувреме замина со убедливо водство од 2:0, благодарение на двата гола на Берат Садик, кој ја предводеше напаѓачката линија на кавадарчани. На почетокот од вториот дел Шефит Шефити намали на 2:1, но Иван Ивановски бргу возврати и донесе ново водство од два гола за Тиквеш (3:1).
Во момент кога сите веруваа дека бодовите ќе останат во Кавадарци, гостите од Чегране одиграа фантастичен финиш кој ќе се прераскажува. Со гол во 85. минута Шефити го најави враќањето, а само две минути подоцна со прекрасен удар го комплетираше својот хет-трик и донесе израмнување (3:3).
Во судиското продолжение, кога домашните се обидуваа да го задржат барем бодот, Таипи беше најснаодлив во казнениот простор и ја испрати топката во мрежата за конечни 3:4 и ерупција на радост кај фудбалерите и навивачите на Арсими.
Со овој голем триумф, Арсими направи скок на табелата и ја потврди својата решителност да биде сериозен конкурент во елитата, додека Тиквеш по уште еден драматичен пораз ќе мора брзо да се консолидира пред следниот предизвик.