Македонската тенисерка Лина Ѓорческа остана без пласман во четвртфиналето на турнирот од серијата WTA 125 „Роверето Опен“, откако денеска загуби од шпанската тенисерка Алиона Болсова Задоинов со 2-1 во сетови (1:6, 7:6 (2), 6:1).
Ѓорческа го започна мечот одлично, играше агресивно и го доби првиот сет убедливо со 6:1. Во вториот сет Шпанката поведе со 4:1, но македонската тенисерка не се предаде и успеа да израмни на 5:5. Сепак, во тај-брејкот Болсова беше посконцентрирана и го освои сетот со 7:2.
Во третиот, решавачки сет, шпанската тенисерка ја презеде контролата врз мечот, доминираше во размените и со 6:1 стави точка на дуелот кој траеше речиси два часа.
И покрај поразот, Ѓорческа ќе освои 15 поени за ВТА-листата и ќе направи нов напредок, со што повторно се доближува до Топ 200 најдобри тенисерки во светот.