По одличното издание против Барселона, Еурофарм Пелистер го очекува нов предизвик во Лигата на шампионите – дуел со германскиот Магдебург, еден од најсилните тимови во Европа. Натпреварот ќе се игра утре во „Гетек Арена“ со почеток во 20:45 часот, а судии ќе бидат Унгарците Адам Биро и Оливер Киш.
Левиот бек, Ник Хенигман истакна дека тимот целосно се фокусира на подготовките и дека секој натпревар на европската сцена е важен за продолжување на добрата форма:
“Точно е дека се подготвуваме максимално за овој меч. Ние секогаш мислиме на победа и сакаме да освојуваме два бода, иако знаеме дека некогаш тоа не е воопшто лесно. Се подготвуваме за нивниот силен напад, особено во ситуациите „еден на еден“, но ќе се обидеме да се справиме со силниот Магдебург. Барселона игра малку поинаков ракомет, додека Магдебург е експлозивен и често сака да игра на линијата од седум метри. Се обидува со својата физичка сила да доминира на теренот, и ние тоа добро го знаеме. На европската сцена секој натпревар е од огромна важност, сите се трудат да освојат што повеќе бодови, затоа и ние ќе се трудиме да се претставиме во подобро светло. Добрата форма од Европа да ја пренесеме и во домашното првенство.”- изјави Хенигман.
Натпреварот со Магдебург ќе биде вистински тест за Еурофарм Пелистер, каде секој играч ќе треба да го даде својот максимум, а резултатот ќе покаже колку тимот може да се носи со најдобрите на европската сцена.