Македонскиот боксер Ален Рустемовски продолжува да ја гради својата успешна кариера со нов голем резултат на меѓународната сцена. На престижниот турнир „Опен Балкан“, кој се одржа во Пале (Босна и Херцеговина) тој се закити со златен медал во категоријата до 60 килограми.
Во финалето, Рустемовски прикажа сигурна и зрела борба, совладувајќи го српскиот боксер Стефан Чамовиќ со убедливи 5:0. Пред тоа, во полуфиналето го совлада претставникот на Русија, Никита Косман, по голема борба и судиска одлука од 3:2.
Овој успех е потврда за одличната форма во која се наоѓа Рустемовски, кој во последниот период тренира интензивно со цел да биде подготвен за Европското првенство што ќе се одржи во ноември. Турнирот во Пале беше идеална можност за проверка на силите и усовршување на формата пред континенталниот предизвик.
На „Опен Балкан“ учествуваа повеќе од 300 боксери од околу 30 земји, што му дава уште поголема тежина на освоеното злато. Со оваа победа, Рустемовски уште еднаш докажа дека припаѓа во самиот врв на балканскиот аматерски бокс и дека Македонија може да очекува нови успеси од него во иднина.