Стартот на новата сезона во Првата футсал лига ветува вистински спектакл, бидејќи уште во првото коло ќе се одигра големото дерби меѓу поранешниот шампион Проект и актуелниот владетел на македонскиот футсал – Форца.
Форца ќе ја брани двојната круна и ќе се обиде да ја продолжи доминацијата на домашната сцена, додека пак Проект, кој во летниот преоден рок се засили со неколку квалитетни засилувања, најавува силна борба за враќање на титулата во своите редови.
Првото коло носи и други интересни дуели: Шкупи на домашен терен ќе се сретне со финалистот на Купот на Македонија, Крива Паланка, додека Клими во Кавадарци ќе го пречека тимот на Бутел.
Повратникот во елитното друштво, штипски Мал Ајакс, ќе биде домаќин на Јувентус Серава, а новиот прволигаш Балкан ќе се соочи со Кеги Моби од Велес.
Според пропозициите, шампионот на Македонија обезбедува пласман во квалификациите за Лигата на шампионите, додека последните две екипи на табелата – деветтопласираната и десеттопласираната – директно ќе се преселат во Втората лига.