Ракометарите на Вардар 1961 продолжуваат со одличните игри во Суперлигата, откако на гостувањето во Куманово го совладаа домашниот тим со 32-25, запишувајќи ја осмата победа во исто толку натпревари.
И покрај тоа што настапија без неколку стандардни ракометари, избраниците на Иван Чупиќ од самиот почеток ја презедоа контролата и не дозволија изненадување. Вардар постојано ја одржуваше предноста, која во второто полувреме се зголеми на убедливи девет голови разлика.
Најефикасен во редовите на вардарци беше Харуки Кавада со седум гола, а одлична партија меѓу стативите прикажа Васил Гогов со повеќе од десет успешни интервенции.
Со оваа победа, Вардар ја потврди својата доминација на врвот на табелата, додека Куманово останува во долниот дел со само една победа по осум кола и серија од седум порази во низа.