Македонскиот репрезентативец Томислав Јагуриноски и официјално е нов член на ГРК Охрид. Десниот бек на националниот тим, висок 187 сантиметри и стар 27 години, потпиша договор со важност од најмалку две години со охридскиот клуб.
Јагуриноски во Охрид пристигнува од германскиот Десау, а претходно настапуваше за најтрофејните македонски екипи РК Вардар 1961 и РК Металург. Неговото ангажирање претставува значајно засилување за клубот во борбата за висок пласман во Суперлигата, како и во натпреварите од ЕХФ Европскиот Куп.
„Чест ми е што ќе се придружам на колектив како РК Охрид кој има голем напредок и амбиции како клуб. Охрид е македонскиот бисер и е задоволство да се игра за овој дрес и овие навивачи. Се надевам дека со моите игри ќе придонесам за подобри резултати и исполнување на амбициите на клубот“, изјави Јагуриноски.
Со неговото пристигнување, ГРК Охрид го зацврстува ростерот и ги потврдува амбициите за континуиран напредок на домашната и европската ракометна сцена.