Одбојкарките на Фит Фан Волеј го имаа своето деби на меѓународната сцена, настапувајќи на БВА Балканскиот клупски куп 2025. Младиот скопски состав забележа три порази во исто толку натпревари, со што го заврши настапот на четвртото место, но стекна големо искуство во пресрет на новата сезона.
Иако резултатскиот биланс не беше позитивен, настапот на меѓународна сцена им овозможи на одбојкарките да се соочат со сериозни противници и да ја почувствуваат разликата во темпото и квалитетот на играта.
„Навистина убаво искуство! Не можеме да се пофалиме со резултат, но факт е дека игравме против ривали како АЕК Атина, кој го освои БВА Купот и е клуб со буџет од над еден милион евра, како и против Херцег Нови, кој има седум странски играчи и буџет од околу половина милион евра. Тоа се тимови со високи стандарди, а за нашите млади одбојкарки беше нешто сосема ново.
Одигравме квалитетни натпревари и видовме каде сме во однос на клубовите од регионот. За нас ова беше големо искуство кое ќе ни биде од голема корист во домашното првенство“, изјави тренерот на Фит Фан Волеј, Благоја Ставревски.
Тимот на Фит Фан Волеј сега ќе има краток одмор за сумирање на впечатоците, бидејќи веќе на 16 октомври го очекува гостувањето кај Младост УГД во рамките на Првата лига на Македонија.
Инаку, грчкиот преставник АЕК Атина го освои годинешното издание на БВА Купот и со тоа обезбеди место во првата рунда од европскиот Челинџ куп.