Македонски судиски тим ќе ја дели правдата на натпреварот меѓу Чешка и Азербејџан од квалификациите за Европското првенство до 21 година, кое ќе се одржи во 2027 година.
Главен судија на натпреварот ќе биде Јован Качевски од Струга, негови помошници се Даниел Василевски и Александар Ѓорѓиески, додека Крумислав Ѓоргиев од Штип ќе ја извршува улогата на четврт судија. Натпреварот се игра во петок.
Ова претставува уште една потврда дека македонските судии уживаат голема доверба и репутација во рамките на УЕФА, која континуирано им доделува натпревари на европско ниво.
Натпреварот е особено важен за репрезентацијата на Чешка, која моментално се наоѓа на второто место во групата со ист број на бодови како и Португалија – двете селекции имаат по шест бодови од два одиграни меча. Азербејџан има еден бод, освоен во ремито со Бугарија, додека во вториот меч беше поразен од Португалија.