Во рамки на 8. коло од Првата женска фудбалска лига, екипата на Тиверија Брера ја оправда апсолутната фаворитска улога и на домашен терен убедливо славеше над Кочани со 5:1.
Струмичанки го отворија резултатот во финишот на првото полувреме и на паузата заминаа со водство од 2-0. Во продолжението од натпреварот, рутински одиграа за конечни 5:1.
Стефанија Божинова во 36. минута го отвори резултатот, а во 43. минута Павлинка Николова погоди за 2:0 на полувреме.

Во вториот дел Николова зголеми на 3:0, а веќе во 50. минута Ангела Димчова постигна гол за 4:0.

Во 61. минута Викторија Богатинова од пенал намали на 4:1, а конечниот резултат го постави Розита Пецева за конечни 5:1.

Тиверија Брера со овој триумф ја потврди добрата форма и останува во горниот дел на табелата, додека Кочани останува закован на дното со еден освоен бод.
Екипата на Скопје со погодоците на Јована Каралиоска и Кристина Крстева славеше со 2:0 над Истатов во дербито на Пржино.
Тчеури Харуми Гоја го реши натпреварот во Битола за минимална победа од 0:1 за Каменица Саса над Тол Гол.
Гостинот од Македонска Каменица кој ја имаше улогата на фаворит ја оправда истата, но се намачи квалитетно во Битола.
Ништо од дербито во Тетово, шампионот Љуботен со убедливи 8:0 го декласираше Ас Јунајтед од Струга.
Мариан Огочукву Охадиве го отвори резултатот, а три гола потоа постигна искусната голгетерка Хава Мустафа, двапати погоди Настасја Накова, а по еден гол постигнаа Меланија Грозданова и Елена Симјанова.
Речица и Вардар ги поделија бодовите во меч со четири погодоци, а гостинот може да жали за овој резултат бидејќи прокоцка два гола предност.
Мила Наумовска во 13. минута го отвори резултатот за водство на Вардар од еден гол на полувреме. На стартот од вториот дел Вардар ја дуплираше предноста откако Миа Закев погоди во 55. минута за 0:2.
Сепак, ниту овие два гола не се покажаа доволно бидејќи Речица благодарение на одличната Емили Митковска дојде до бод.
Митковска најпрво во 62. минута со гол од игра обезбеди 1:2, а веќе во 66. минута со удар од белата точка обезбеди бод откако конечниот исход беше 2:2.