Фудбалерите на Кожуф го доживеаја првиот сезонски пораз, и тоа на гостувањето кај Големо Коњари, каде што загубија со минимални 1:0. Единствениот погодок на натпреварот беше автогол на тимот од Гевгелија, што на домаќините им го донесе првото сезонско славје.
По натпреварот, тренерот на Кожуф, Иван Варадиновски, во изјава за Спортска Мрежа истакна дека неговиот тим целосно потфрлил и дека овој пораз е тежок за прифаќање.
„Факт е дека комплетно потфрливме како екипа и дека ова е пораз што боли. Верувам дека ова е само еден лош фудбалски ден што може да му се случи на секој тим. Честитки до домашната екипа и благодарност за одличниот прием“, ни изјави Варадиновски.
Во следното коло Кожуф ќе има можност за поправен пред своите навивачи против Детонит Плачковица, додека Големо Коњари ќе гостува кај Вардар Неготино.