Младинската школа на ФК Пелистер од Битола упати апел до родителите на своите млади фудбалери, потенцирајќи дека нивната улога е клучна за правилниот развој на децата – не само како спортисти, туку и како личности.
Од клубот порачуваат дека родителите се првиот и најважен пример во животот на своето дете и дека однесувањето на трибините остава силна порака.
Таа може да биде порака на фер-плеј, почит и спортски дух, или пак порака исполнета со навреди, притисок и нетрпение.
„Секоја критика кон судија, секој поглед со осуда кон друго дете или мешање во тренерската работа не ја гради, туку ја руши самодовербата на вашето дете,“ стои во соопштението на младинската школа.
ФК Пелистер ги повикува родителите да го почитуваат трудот на сите деца, да даваат поддршка со аплауз наместо со наредби и навреди, да ја прифаќаат секоја победа со скромност, а секој пораз со достоинство.

„Фудбалот е игра, а децата се тука да учат и да уживаат,“ додаваат од битолскиот клуб, нагласувајќи дека воспитувањето е еднакво важно колку и спортскиот развој.
“Драги родители:
Вие сте првиот и најважен пример во животот на вашето дете. Вашиот однос на трибините е порака. Дали ќе биде порака на почит, фер-плеј и спортски дух, или порака на навреди, притисок и нетрпение?
Секоја критика кон судија, секој поглед со осуда кон друго дете, секое мешање во тренерската работа не ја гради, туку ја руши самодовербата на вашето дете.
– Почитувајте го трудот: Како на своето, така и на другите деца.
– Дајте поддршка со аплауз, а не со наредби, навреди и викање.
– Прифатете ја секоја победа со скромност, а секој пораз со достоинство.
– Не заборавајте дека фудбалот е игра, а децата се тука да учат и да уживаат.
Ние градиме спортисти, но пред сè воспитуваме деца. Помогнете ни во таа мисија!
Трибините се ваш терен – играјте со срце”, се вели во соопштението на битолскиот клуб.

Со завршна порака „Трибините се ваш терен – играјте со срце!“, Пелистер уште еднаш потврди дека преку младинската школа не гради само фудбалери, туку и идни генерации воспитани во спортски дух.