Македонската кошаркарска репрезентација стигна до крајот – победа во претквалификациите за Светскиот Куп 2027 година.
Избраниците на селекторот Марјан Илиевски славеа со 82:75 против селекцијата на Унгарија, тим кој пред не многу време убедливо ја совлада нашата репрезентација. Овојпат, „црвено-жолтите“ одиграа дисциплинирано и храбро, за на крајот да се израдуваат на голем триумф.
Селекторот Илиевски не го криеше задоволството:
„Им честитам на играчите бидејќи денеска покажаа дека можат да одиграат натпревар во кој секој си го знае своето место и улога во тимот. Контра-нападите беа нашето најсилно оружје, го решивме и проблемот со скокот, а тоа значи дека напредуваме со времето кое го имаме заедно. Ништо не се прави преку ноќ, за сè треба време.“
Во своето излагање, македонскиот селектор се осврна и на она што следува:
„Им благодарам на сите кои ни даваат поддршка. Ние ќе продолжиме да работиме најдобро што знаеме. Критиките се тешки, но можат да помогнат во развојот на тимот. Повторно апелирам до клубовите да им дадат поголема минутажа на овие играчи, бидејќи не очекуваат нови предизвици, а токму тие треба да бидат носители на репрезентацијата. Тоа е единствениот начин да му помогнеме на националниот тим.“
Илиевски не дозволува еуфорија по овој успех, нагласувајќи дека тоа е само почеток:
„Играчите и стручниот штаб работеа максимално и верувавме едни во други. Не ја сфаќам оваа победа еуфорично, таа е плод на хемијата во тимот. Заокруживме циклус со победа што многу значи на почетокот на еден долг пат. Атмосферата беше одлична, никој не се штедеше и тоа е најголемиот добивка. Нормално е да имаме детски болести, но тие се решливи и нема да бидат проблем во иднина.“
Со овој триумф, Македонија испраќа силна порака дека има потенцијал за успех и дека националниот тим е на вистинскиот пат кон нови предизвици во претквалификациите.