Во Пале, Босна и Херцеговина се одржа Детски младински куп во биатлон, на кој настапија натпреварувачи од Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Србија. Натпреварувањето се одвиваше во машка и женска конкуренција во две возрасни категории – У14 и У12.
Македонската репрезентација оствари одлични резултати, под водство на селекторот Ѓоко Динески во категоријата У14 настапи Благоја Трајаноски, кој во силна конкуренција стигна до првото место и златниот медал.
Во категоријата У12 нашата земја ја претставуваа Петар Николоски, Тео Стоиловски, Милан Петкоски, Јаков Трајаноски и Никола Спасески. Тие постигнаа солидни пласмани, при што Николоски го освои третото место, Стоиловски заврши на четвртата позиција, Петкоски беше петти, Трајаноски шести, додека Спасески го заокружи настапот на деветтото место.
Овој настап претставува голем успех за младите македонски биатлонци и уште една потврда дека Македонија има перспективни таленти во зимските спортови.