Македонскиот фудбалски стратег Чедомир Јаневски е нов тренер на кипарскиот прволигаш Красава.
Клубот кој сезонава се избори за историска промоција во највисокото друштво му ја довери клупата на искусниот Јаневски, кој зад себе има богато тренерско портфолио и трофеи во Белгија, како и големо искуство во кипарскиот фудбал.
Во својата богата кариера, Јаневски бил тренер на Клуб Бриж, Гент, Ал-Шааб, Црвена Звезда, Енозис, Етникос Акна, Монс, Мускрон, Васланд-Беверен, Вардар, Олимпијакос Никозија и АЕЛ Лимасол.
Во периодот од 2012 до 2013 година го предводеше и националниот тим на Македонија како селектор.
Станува збор за клуб кој оваа сезона ќе се натпреварува во најсилната кипарска конкуренција, а главната задача на Јаневски ќе биде да обезбеди опстанок во елитата.
Своето деби на клупата ќе го има против АПОЕЛ, а договорот со клубот е потпишан до крајот на актуелната сезона.
Неговиот последен ангажман исто така беше на Кипар, каде што го предводеше тимот на Неа Саламис.