Суперлигашот РК Радовиш го дефинира ростерот за новата натпреварувачка сезона, откако клубот официјално ги потврди имињата на играчите кои ќе го носат дресот на радовишани во 2024/25.
Раководството на клубот успеа да ги задржи дел од носителите на играта од минатата сезона, меѓу кои Славе Јанковски, Филип Костадиновски, Филип Трајанов и Иванче Ончев, а истовремено донесе и пет нови имиња кои треба да внесат свежина и конкуренција во тимот.
Во Радовиш ова лето пристигнаа Мартин Димов (десно крило), Филип Сиљанов (лев бек), Илија Табаков кој игра како лев бек и лево крило — тројца ракометари кои доаѓаат од Борец ФЛ од Велес, потоа Даниел Ацев на голманската позиција и Бобан Каковски како засилување на позицијата среден бек.
Од клубот најавија дека трансфер активностите не завршуваат тука, бидејќи се во тек преговори со уште неколку засилувања кои ќе бидат објавени во наредниот период.
Стартот на подготовките е пред врата, според нашите информации на 30 јули, а низ серија контролни натпревари, стручниот штаб ќе работи на воигрување на тимот и дефинирање на тимската хемија пред почетокот на Суперлигата.
Радовиш влегува во сезоната со јасна амбиција – стабилен настап во елитата и чекор напред во развојот на клубот.