Фудбалскиот клуб Башкими, повратникот во Првата македонска фудбалска лига, продолжува амбициозно да го засилува тимот за новата сезона, откако официјално го промовираше повратникот Арменд Алими како ново засилување.
Искусниот 37-годишен играч се враќа во клубот каде што и ја започна својата професионална кариера – токму во Башкими, каде настапуваше во периодот од 2005 до 2007 година. Со ова се комплетира емотивен кам-бек за Алими, кој повторно ќе го носи дресот на клубот од кој тргна неговата успешна фудбалска приказна.
Во текот на кариерата, Арменд Алими остави длабока трага во домашниот и странскиот фудбал. Во Македонија настапуваше за Милано Куманово, Работнички, Шкендија и Беса, додека интернационалната кариера ја градеше со клубови како Истра (Хрватска), Оребро (Шведска), Неа Саламис и Ермис (Кипар).
Со неговото огромно искуство и лидерски квалитети, Алими ќе претставува значајно засилување за Башкими во сезоната 2025/26, каде тимот ќе се обиде да обезбеди стабилност и конкурентност во елитата.