Денес се комплетираше третото коло од Трета лига – Север со четири натпревари, а дербито се играше на „Хасанбег арена“ каде Шкендија Арачиново се соочи со Куманово, меч на ланскиот шампион и вицешампион каде сега Шкендија Арачиново со 6:0 го декласираше противникот на меч каде беа постигнати два автогола.
Бујар Иљази по шест минути игра погоди за 1:0 и рано водство на Шкендија, а во 24. минута Ергин Шерифи си постигна автогол за 2:0. Во 44. минута Иљази со втор гол погоди за 3:0 на полувреме.

Во вториот дел буквално се распадна Куманово, кој имаше само еден шут надвор од рамките на голот кон Шкендија, без да изведе ниту еден корнер во текот на целиот меч, наспротив Шкендија која изведе 13 корнери. Во 60. минута Шерифи си постигна нов автогол за 4:0, а во 65. минута Дарио Десниќ погоди против својот поранешен клуб за 5:0, но погодокот не го прослави во знак на почит кон неговиот поранешен клуб.

Во 83. минута нововлезениот Шуајб Алити ги постави конечните 6:0 за убедлива победа на Шкендија над Куманово, во меч каде немаше ниту еден жолт и црвен картон.
Победникот беше повеќе од јасен и пред самиот меч, со оглед дека Шкендија располага со играчи од Прва и Втора лига, а од друга страна Куманово е значително помладен и игра со млади играчи родени од 2004 до 2007 година, на кои им треба многу вакви натпревари со цел да имаат искуство. Повеќе од пресудно беше нивното неискуство за вакви натпревари, темпото и притисокот да се носат со дерби натпревар.

Ржаничино на домашен терен играше со Фортуна каде двете екипи ги поделија бодовите откако одиграа 1:1. Орхан Мифтар во 55. минута погоди за водство на гостинот, а домаќинот до бод дојде откако Стефан Ѓорѓиев погоди во 90. минута за 1:1.
Њу Старс го пречека некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ во меч каде гостинот со 2:4 прокнижи нови три бодови на своето конто. Неизвесно прво полувреме во кое немаше погодоци, а во вториот гол паднаа дури шест гола. За новиот третолигаш стрелци беа Силјановски и Тренески, а за гостинот погодија Анчевски и Богдановски, како и Бакијов кој беше двоен стрелец.
Аеродром беше домаќин на Кадино каде домашниот тим преку Пешовски и Каланоски дојде до триумф од 2:1. За некогашниот второлигаш погоди Благојевски.
Како што веќе објави вчера Спортска Мрежа, Беса Влазрими со 3:1 славеше над Башкими Љуботен, Академија Илинден со 1:0 го доби тимот на Риниа, а пак БВК Коњаре со 2:1 ја запиша првата сезонска радост против Пчиња.