Селекторката на женската кадетска репрезентација на Македонија, Даниела В. Новеска, го објави списокот на ракометарки кои ќе се подготвуваат за две големи меѓународни натпреварувања што претстојат ова лето – Европскиот младински олимписки фестивал (EYOF) и Европското првенство за кадетки (W17 EHF EURO).
На EYOF, кој оваа година ќе се одржи во Скопје, од 21 до 26 јули, македонските кадетки ќе играат во групата Б заедно со селекциите на Швајцарија, Норвешка и Исланд. Натпреварите ќе се играат во СЦ „Јане Сандански“, а нашата репрезентација ќе има силна поддршка од трибините со надеж за пласман во завршницата.
- Распоред на натпреварите на EYOF 2025:
21.07.2025 | 17:00 ч. Македонија – Исланд
22.07.2025 | 17:00 ч. Швајцарија – Македонија
23.07.2025 | 17:00 ч. Македонија – Норвешка
По настапот на EYOF, македонските кадетки се селат во Подгорица, Црна Гора, каде од 30 јули до 10 август ќе учествуваат на Европското првенство W17 EHF EURO. И на овој турнир, Македонија е во групата Б, заедно со силните репрезентации на Германија, Португалија и Словачка.
- Распоред на натпреварите на W17 EHF EURO 2025:
30.07.2025 Германија – Македонија
31.07.2025 Македонија – Словачка
02.08.2025 Португалија – Македонија
Овие две натпреварувања се голема можност за младите македонски ракометарки да стекнат искуство и да го покажат својот квалитет на европската сцена. Селекторката Новеска и нејзиниот стручен штаб ќе имаат задача да ја подготват екипата психолошки и тактички за двата турнири, а целиот ракометен свет со интерес ќе ја следи македонската млада надеж.
