Охридската фудбалска гордост ГФК Охрид Лихнидос – продолжува сериозно да се подготвува за претстојната сезона, која, според сите најави, ќе биде амбициозна и насочена кон пласман во Првата македонска фудбалска лига. Како дел од офанзивната трансфер-стратегија, клубот денес официјално го потврди ангажманот на Андреј Симевски, еден од најдобрите напаѓачи во Втората лига минатата сезона.
Симевски доаѓа од редовите на Каменица Саса, каде што блескаше во изминатата натпреварувачка година со 15 постигнати голови, вбројувајќи се меѓу водечките стрелци на лигата и заслужено обезбедувајќи место во идеалниот тим на сезоната. Станува збор за поливалентен напаѓач, кој ги покрива сите позиции во офанзивната линија, со силен шут, инстинкт за гол и физичка подготвеност што совршено одговара на играчкиот стил на охриѓани.
Во својата кариера, Симевски ги носел дресовите и на Пехчево, Малеш, Слога, Беласица, како и на бугарскиот Черноморец Бургас, стекнувајќи искуство на различни нивоа и во различни системи на игра.
Претходно, Охрид ги потврди и ангажманите на голманот Дамјан Серафимов и дефанзивецот Димитриј Попоски, кои се враќаат во клубот од редовите на Брегалница Штип. Според информации до кои дојде Спортска Мрежа, во завршна фаза се и преговорите со уште неколку звучни имиња, кои ќе го заокружат силниот ростер на „рибарите“ за новата сезона.
Со ваква стратегија, Охрид испраќа јасна порака – целта е елитата, а со засилувања како Симевски, клубот од охридскиот брег полека, но сигурно, се приближува кон својата цел.