Здружението за млади и спорт „ТКК Црнобуки“ од село Црнобуки, како организатор на единствениот бесплатен детски фудбалски турнир во Македонија – Меморијалот „Трофеј Трајан Куља – Црнобуки 2025“, со гордост најави нова меѓународна соработка.
На покана од спортскиот пријател Катана Константин, организатор на меморијалниот младински фудбалски турнир „Младен Обреновиќ – Брена 2025“ што ќе се одржи во Чајниче, Република Српска, македонската екипа ФК Јанг Бојс Неготино ќе учествува на овој престижен турнир и ќе го претставува „Трофеј Трајан Куља“.
Вредно е да се истакне дека организаторот на турнирот во Чајниче ги покрива сите трошоци за престој и учество на македонската екипа, што е гест на искрено спортско пријателство и поддршка кон младинскиот фудбал.
Ова претставува значајна можност за македонските млади фудбалери да се натпреваруваат на меѓународна сцена, да стекнат нови искуства и да ја промовираат нашата земја преку спортот.
ФК Јанг Бојс Неготино веќе е на пат кон Република Српска, подготвени да го дадат својот максимум и да остават позитивен впечаток на теренот.